Sunday, September 02, 2012

Последен круг


Трчаме кругови
на одамна завршена трка.
Публиката отвара уста, но нема е,
како некој да притиснал ‘mute’.
Со стиснати тупаници
и испотени чела
не го препознаваме дождот
што паѓа врз нас.
Пред очи ни е само грбот на другиот.
Нозете ни се тешки, а погледот уморен.
Трчајќи без престан, заумени,
залудно чекаме ѕвончето
да го означи последниот круг.

Monday, July 16, 2012

Дојди

Кога на самрак редарите на плажата
ќе ги соберат и последните лежалки
а сонцето ќе си замине зад планината
да продолжи да радува некои други луѓе,
тогаш дојди.
Кога мракот неусетно ќе се спушти врз градот
како исплашен крадец
и месечината немо ќе застане на небото
како белокос мудрец,
тогаш дојди.
И остани. Засекогаш.

Thursday, June 28, 2012

Зумбулот и црешовото гранче (хаибун)


Сигурно e повеќе од половина час по полноќ. Собата ја осветлува столната ламба врз наткасната од мојата страна на креветот. Врз неа има дрвено ковчеже за накит, мало сламено кошниче полно со исушени ружи и уште едно помало ќерамичко чинивче и тоа полно со суви цвеќиња. Има и сина четвороаголна вазна со букетче од зумбули и скршено гранче од расцутена цреша.  Под гранчето седи ниска чаша со вода во која паднале две бели ливченца од црешовиот цут. Зумбулите се во две нијанси, посветла и потемна розева, а меѓу нив има некакви тенки долги листови за декорација. На минијатурното црешово гранче има седумнаесет бели цветчиња како седумнаесет слога во едно хаику. Мирисите им се мешаат, но зумбулот доминира.


Црешово гранче.
За мене ноќва - дрво
на животот.


Ми се приспа и посакав да го изгасам светлото. Исправен седнав од страната на креветот спуштајќи ги нозете на земја. Уште малку гледам во букетчето. Сакам да поуживам во моментов зашто утре кога ќе се разбудам може да биде свенато. Прекинувачот на столната ламба не работи па морам да станам и да го исклучам од штекерот. Го фатив кабелот, и пред да го повлечам за миг фрлив поглед кон креветот. Во истиот момент ти се сврти во својот сон и ти го видов лицето осветлено од топлата светлина на ламбата. Го повлеков тенкиот кабел и собата за дел од секундата падна во мрак. «Колку си убава. Многу поубава од букетчето со зумбулите и црешовото гранче», си помислив.


Соба во мрак.
Мирисот на зумбулот
го слика твојот лик.


Monday, May 28, 2012

Пролетен дожд


После долги години 
и безброј настапи во циркусот,
на родендени и какви не забави и настани,
еден мајски ден, кога пролетниот дожд
почна да му се лее по лицето
и да ја размачкува широката црвена насмевка,
кловнот уморно воздивна и рече,
‘Мислам дека ќе си одам дома’.

Tuesday, May 22, 2012

Дождот


Колку гласно зборува небото,
колку убаво зборува дождот.
Нудејќи се да ја измие правта од
улиците изгазени од уморни нозе.
Да се помеша со солзите на лицата
и да ги натопи нежните детски косички.
Да засвири на олуците на напуштените куќи
или да не натера да погледнеме нагоре
низ стаклото на автомобилот
и да ги пуштиме бришачите.


А ние велиме, ‘Изгледа почна да врне’. 

Wednesday, May 09, 2012

Subversive Compassion


Jesus in his solidarity with the marginal ones is moved to compassion. Compassion constitutes a radical form of criticism, for it announces that the hurt is to be taken seriously, that the hurt is not to be accepted as normal and natural but is an abnormal an unacceptable condition for humanness. In the arrangement of “lawfulness” in Jesus’ time, as in the ancient empire of Pharaoh, the one unpermitted quality of relation was compassion. Empires are never built or maintained on the basis of compassion. The norms of law (social control) are never accommodated to persons, but persons are accommodated to the norms. Otherwise the norms will collapse and with them the whole power arrangement. Thus the compassion of Jesus is to be understood not simply as a personal emotional reaction but as a public criticism in which he dares to act upon his concerns against the entire numbness of his social context. Empires live by numbness. Empires, in their militarism, expect numbness about the human cost of war. Corporate economies expect blindness to the cost in terms of poverty and exploitation. Governments and societies of domination go to great lengths to keep the numbness intact. Jesus penetrates the numbness by his compassion and with his compassion takes the first step by making visible the odd abnormality that had become business as usual. Thus compassion that might be seen simply as generous goodwill is in fact criticism of the system, forces, and ideologies that produce the hurt. Jesus enters into the hurt and finally comes to embody it. 

Tuesday, March 20, 2012

Џелаледин Мевљана Руми (1207-1273)

Вчера го 'открив' на мое големо задоволство творештвото на муслиманскиот поет и мистик Руми. Поради првичното позитивно изненадување решив да споделам ултра краток избор од неговите песни.

Кој и да си, дојди!

Кој и да си, дојди,
Да си и безбожник,
Манихеец,
Или идолопоклоник,
Дојди...
Низ наши порти
Не се втасува
Во безнадеж.
И стопати да си го
Прекршил зборот,
Дојди.


Птица

Откако на онаа
Планина слета птица,
Нема излишности,
Ниту празнина.


Не мати ја водата

Беше што беше,
Не мати ја водата,
Нека си остане бистра
За да можеме во неа
Да ги видиме
И ѕвездите
И месечината, чисти.

Зашто и човекот
На вода е налик,
Штом е мрачен
Дното од душата не му
Се гледа,
А можеби токму таму
Бисери седат.

Monday, March 12, 2012

Kony 2012 (мое видување)

Работата на Invisible Children ја следам веќе неколку години, зашто и како поединец, но и со Христијански Центар 'Гласност' сум вклучен во помагање на луѓето од едно село во западниот дел на земјата. Деновиве се крена многу прашина во однос на нивниот нов филм 'Kony 2012', а со тоа и многу контроверзи и прашања. Луѓето почнаа да коментираат во стилот дека кликање 'лајк' на фесјбук не може да промени ништо, дека организацијата не е транспарентна со нејзините финансии, дека Американците имаат синдром на 'спасители' и 'суперхерои', дека се заработува на несреќата на Африканците, па дури се спомнуваа зборови како неоколонијализам.

Немам намера многу да објаснувам или да ги бранам IC, туку сакам само да напишам две-три кратки мисли.

Најпрво, она што повеќето луѓе не го знаат е тоа дека IC непрестано работи на ова веќе 10 години и популарноста на Kony 2012 не се должи само на социјалните мрежи туку и на напорно прикажување филмови и организирање на безброј настани изминативе години.

Исто така, би го предизвикал скептицизмот дека кликање 'like' или 'share' на фејсбук не може да промени ништо. Поентата на филмот и на целата кампања е да информира за тоа кој е Џозеф Кони и за неговите злостроства, што би ги предизвикало луѓето да извршат притисок врз политичките власти кои можат практично да сторат нешто во врска со тоа. Можеби целата работа ќе пропадне и нема да излезе ништо од кампањата, но ако никој не се обиде, што воопшто би се променило?

Она што не го разбирам е зошто луѓето се толку брзи да ги политизираат нештата и во се да бараат политика или профит. Зошто да не верувам дека тие тројца млади Американци биле толку трогнати од нивната средба со децата што се кријат од LRA што посакале да направат се што можат за да ја променат ситуацијата? Имам впечаток дека на крајот поважни се нашите експертски мислења за економско-политичката ситуација во Уганда, за сложеноста на целиот потфат и др. отколку самите деца и нивните семејства. Дали се работи за нас и нашите мислења или за нив?

И за крај, она што мене ме плаши и што не би сакал да го видам е уште еден Гадафи, Хусеин, Бин Ладен со спектакуларна и холивудски изрежирана смрт.

Thursday, March 01, 2012

Апостол Павле и ропството

Да се пишува на тема ‘Апостол Павле и робовладетелството’ или општо за христијанството и робовладетелството е неблагодарна работа затоа што тое е комплексна и контроверзна тема. Јас воопшто не претендирам дека сум експерт на таа тема и затоа ќе се обидам да дадам само мое скромно мислење.

Пред било што да напишам сакам да спомнам две работи:

Прво, во теолошката методологија при формирањето на одредени доктрини или општо при толкувањето на Библијата не се практикува да се земаат изолирани библиски стихови и врз основа на нив да се донесуваат крајни заклучоци.

Второ, треба да разбереме дека зборуваме за нешто што оди две илјади години назад во минатото и дека луѓето што живееле тогаш не го имале истиот социолошки и културолошки ментален склоп како нас денес во 21 век кои ропството го гледаме како нешто од минатото (иако не сосема).

Едно нешто што не смееме да го испуштиме предвид е природата на Исусовата порака и тоа како тој го сфаќал своето ‘царство’. Израелците очекувале Месија ослободител, човек што ќе го поведе народот во ослободителна војна, револуционер што ќе ги ослободи од стегите на Римската Империја и токму затоа, кога нивните очекувања не се оствариле, го отфрлиле и на крај го убиле.

Исус во една прилика вели дека не дошол да му служат, тука да биде слуга и да спаси многумина. Во друга прилика, додека заедно со неговите ученици поминувале низ некое самариско место каде што одбиле да ги примат, неговите ученици Јаков и Јован сакале да побараат од Бог да испрати оган од небото за да го уништи местото, но Исус ги прекорил велејќи им дека воопшто не ја сфаќаат неговата мисија и дека тој е дојден да спасува, а не да уништува. Вечерта пред да го уапсат, кога неговиот ученик Петар во обид да го одбрани ќе извлече нож и ќе го исече увото на еден од тие што дошле да го уапсат, Исус ќе го прекори и ќе му рече дека секој што ќе се фати за меч, од меч и ќе погине. Овие работи ни зборуваат за тоа дека насилството не било воопшто на Исусовата агенда.

Можеби малку настрана од главната мисла, но мора да спомнеме дека во Стариот Завет Бог дозволувал ропство на Евреите, но тоа ропство било поинакво од она што ние го познаваме како ропство. На пример, Бог одредил сите робови да бидат ослободувани после шест години служење, а ако робовите ги засакале своите господари, можеле да останат кај нив доживотно. Тоа зборува дека ропството во Израел било некаков вид на принудно слугување поради неисплатени долгови и сл. и дека робосопствениците не смееле да се однесуваат премногу сурово со своите сонародници. За тоа може да се чита во 25 поглавје од книгата Левит, едно од најубавите поглавја во Библијата.

Точно е дека Исус, а подоцна и апостол Павле, не рекле речиси ништо директно против ропството, и дека ако се читаат одредени изјави на Павле ќе се добие впечаток дека тој го охрабрувал и го одобрувал ропството. Тоа ни зборува дека нивниот фокус бил пред се на нешто друго, а не на револуција според тоа како ние ја замислуваме и какви што најчесто биле револуциите низ историјата. Тие пред се очекувале лична револуција, трансформација на личноста и внатрешна преобразба што подоцна ќе резултира со грижа за другите, несебична љубов и работа на еднаквост и правда за сите луѓе. Дали неговите следбеници тоа секогаш го правеле и успевале во тоа ни е сосема јасно, но тоа не значи дека тоа не била негова првична замисла. Затоа Павле и ќе им рече на робовите да останат во положбата во која се наоѓаат, фокусирајќи се пред се на тоа дека сега се најпрво и најважно слободни и еднакви со другите во Господ. Доказ за тоа е што во неговото писмо до Колошаните тој им се обраќа на робовите, им вели да бидат верни и да им служат на своите господари како на Господ, но потоа им се обраќа и на господарите велејќи им да не забораваат дека имаат господар на небото, со други зборови, опоменувајќи ги да се однесуваат коректно со нив.

Во неговото писмо до Коринќаните тој им вели на робовите дека доколку им се укаже шанса да се ослободат секако треба да го искористат тоа.

Што значи, можеби во тоа време преголем чекор би бил директен предизвик на робовладетелството, но верувам дека тука гледаме обиди за поткопување на истото. И самиот факт што Павле им се обраќа на робовите зборува за тоа дека ги смета достојни да им се обрати во своето писмо што се чита и до ден денес.

Тој чекор напред се состои и во тоа што Павле ги потсетува дека повеќе нема разлика меѓу мажи и жени, Грци или Евреи, слободни или робови туку дека сите се на исто ниво во Христос. Во Писмото на Павле до Филемон тој го моли да го прими назад неговиот роб Онисим како да го прима самиот Павле и вели дека ако бил оштетен на некој начин дека тој ќе плати за него. Значи Павле го третира робот како негов брат.

Проблемот е што потоа црквата не го продолжила активно процесот на борба против ропството туку требало векови да поминат пред да се вклучи во тој процес (и тоа повторно само преку поединци). Кога зборувам за црквата, не зборувам за институционалната црква, туку за црквата составена од оние што се обидуваат да бидат вистински Христови ученици следејќи го неговото учење. За црквата како институција и грешките што ги има правено има многу што да се каже но можеби во некој нареден пост.

И на крај, да не заборавиме дека токму христијаните и ненасилниот отпор биле тие што ја извојувале битката против ропството. Да не го заборавиме Вилијам Вилберфорс што целиот живот го посветил на борба против транс-атлантската трговија со робови за на крај да извојува победа. Да не го заборавиме ни ненасилниот отпор на Мајка Тереза која го поткопала целиот концепт на кастите во Индија, или Мартин Лутер Кинг кој ја надминал расната дискриминација во САД.

Wednesday, January 04, 2012

Иво Андриќ

Расказите на Иво Андриќ ме раздрмаа и воодушевија. "Прича о везировом слону" и уште девет раскази собрани во едно издание, од оние црвените, старите, "Реч и мисао". Расказот 'Смрт у синановој текији' е веројатно наубавиот расказ што сум го прочитал до сега. Сега после повеќе години се спремам да ја препрочитам 'Мостот на Дрина' и за првпат да ја прочитам 'Травничка хроника'. Им пристапувам со возбуда и почит. Еве што вели на самиот крај на освртот на расказите на Андриќ, Велибор Глигориќ:

Dozivljaj tragike ljudoskog zivota bice je Andriceve proze. Ona joj daje tezinu i dubinu zahvata u ljudske sudbine. Mladost pesnika Andrica zrtvovana je samicama tamnica i konfinacija, propracena velikim unutrasnjim dusevnim krizama i porazima iluzija, no isto tako i sticajem ranog zivotnog iskustva, prodorima u tajne zivota i ljudske prirode. Umetniku Andricu razvila se vec u mladim godinama svest o kompleksu ljudske psihe, o antagonizmima jave i sna covekovog, o elementarnim silama koje izbijaju iz ljudske prirode. Razvio se kod njega filozofski odnos prema zivotu, cije ga neispitane dubine neodoljivo privlace. Pesnik, filozof, psiholog i artist, potomak onih neimara koji su nadahuto stvarali trajne lepote mostova - nasli su harmonicno klasicno jedinstvo u Andricevoj umetnickoj licnosti.