Thursday, March 01, 2012

Апостол Павле и ропството

Да се пишува на тема ‘Апостол Павле и робовладетелството’ или општо за христијанството и робовладетелството е неблагодарна работа затоа што тое е комплексна и контроверзна тема. Јас воопшто не претендирам дека сум експерт на таа тема и затоа ќе се обидам да дадам само мое скромно мислење.

Пред било што да напишам сакам да спомнам две работи:

Прво, во теолошката методологија при формирањето на одредени доктрини или општо при толкувањето на Библијата не се практикува да се земаат изолирани библиски стихови и врз основа на нив да се донесуваат крајни заклучоци.

Второ, треба да разбереме дека зборуваме за нешто што оди две илјади години назад во минатото и дека луѓето што живееле тогаш не го имале истиот социолошки и културолошки ментален склоп како нас денес во 21 век кои ропството го гледаме како нешто од минатото (иако не сосема).

Едно нешто што не смееме да го испуштиме предвид е природата на Исусовата порака и тоа како тој го сфаќал своето ‘царство’. Израелците очекувале Месија ослободител, човек што ќе го поведе народот во ослободителна војна, револуционер што ќе ги ослободи од стегите на Римската Империја и токму затоа, кога нивните очекувања не се оствариле, го отфрлиле и на крај го убиле.

Исус во една прилика вели дека не дошол да му служат, тука да биде слуга и да спаси многумина. Во друга прилика, додека заедно со неговите ученици поминувале низ некое самариско место каде што одбиле да ги примат, неговите ученици Јаков и Јован сакале да побараат од Бог да испрати оган од небото за да го уништи местото, но Исус ги прекорил велејќи им дека воопшто не ја сфаќаат неговата мисија и дека тој е дојден да спасува, а не да уништува. Вечерта пред да го уапсат, кога неговиот ученик Петар во обид да го одбрани ќе извлече нож и ќе го исече увото на еден од тие што дошле да го уапсат, Исус ќе го прекори и ќе му рече дека секој што ќе се фати за меч, од меч и ќе погине. Овие работи ни зборуваат за тоа дека насилството не било воопшто на Исусовата агенда.

Можеби малку настрана од главната мисла, но мора да спомнеме дека во Стариот Завет Бог дозволувал ропство на Евреите, но тоа ропство било поинакво од она што ние го познаваме како ропство. На пример, Бог одредил сите робови да бидат ослободувани после шест години служење, а ако робовите ги засакале своите господари, можеле да останат кај нив доживотно. Тоа зборува дека ропството во Израел било некаков вид на принудно слугување поради неисплатени долгови и сл. и дека робосопствениците не смееле да се однесуваат премногу сурово со своите сонародници. За тоа може да се чита во 25 поглавје од книгата Левит, едно од најубавите поглавја во Библијата.

Точно е дека Исус, а подоцна и апостол Павле, не рекле речиси ништо директно против ропството, и дека ако се читаат одредени изјави на Павле ќе се добие впечаток дека тој го охрабрувал и го одобрувал ропството. Тоа ни зборува дека нивниот фокус бил пред се на нешто друго, а не на револуција според тоа како ние ја замислуваме и какви што најчесто биле револуциите низ историјата. Тие пред се очекувале лична револуција, трансформација на личноста и внатрешна преобразба што подоцна ќе резултира со грижа за другите, несебична љубов и работа на еднаквост и правда за сите луѓе. Дали неговите следбеници тоа секогаш го правеле и успевале во тоа ни е сосема јасно, но тоа не значи дека тоа не била негова првична замисла. Затоа Павле и ќе им рече на робовите да останат во положбата во која се наоѓаат, фокусирајќи се пред се на тоа дека сега се најпрво и најважно слободни и еднакви со другите во Господ. Доказ за тоа е што во неговото писмо до Колошаните тој им се обраќа на робовите, им вели да бидат верни и да им служат на своите господари како на Господ, но потоа им се обраќа и на господарите велејќи им да не забораваат дека имаат господар на небото, со други зборови, опоменувајќи ги да се однесуваат коректно со нив.

Во неговото писмо до Коринќаните тој им вели на робовите дека доколку им се укаже шанса да се ослободат секако треба да го искористат тоа.

Што значи, можеби во тоа време преголем чекор би бил директен предизвик на робовладетелството, но верувам дека тука гледаме обиди за поткопување на истото. И самиот факт што Павле им се обраќа на робовите зборува за тоа дека ги смета достојни да им се обрати во своето писмо што се чита и до ден денес.

Тој чекор напред се состои и во тоа што Павле ги потсетува дека повеќе нема разлика меѓу мажи и жени, Грци или Евреи, слободни или робови туку дека сите се на исто ниво во Христос. Во Писмото на Павле до Филемон тој го моли да го прими назад неговиот роб Онисим како да го прима самиот Павле и вели дека ако бил оштетен на некој начин дека тој ќе плати за него. Значи Павле го третира робот како негов брат.

Проблемот е што потоа црквата не го продолжила активно процесот на борба против ропството туку требало векови да поминат пред да се вклучи во тој процес (и тоа повторно само преку поединци). Кога зборувам за црквата, не зборувам за институционалната црква, туку за црквата составена од оние што се обидуваат да бидат вистински Христови ученици следејќи го неговото учење. За црквата како институција и грешките што ги има правено има многу што да се каже но можеби во некој нареден пост.

И на крај, да не заборавиме дека токму христијаните и ненасилниот отпор биле тие што ја извојувале битката против ропството. Да не го заборавиме Вилијам Вилберфорс што целиот живот го посветил на борба против транс-атлантската трговија со робови за на крај да извојува победа. Да не го заборавиме ни ненасилниот отпор на Мајка Тереза која го поткопала целиот концепт на кастите во Индија, или Мартин Лутер Кинг кој ја надминал расната дискриминација во САД.

No comments: