Сигурно e повеќе од половина час по полноќ. Собата ја осветлува столната
ламба врз наткасната од мојата страна на креветот. Врз неа има дрвено ковчеже
за накит, мало сламено кошниче полно со исушени ружи и уште едно помало ќерамичко
чинивче и тоа полно со суви цвеќиња. Има и сина четвороаголна вазна со букетче
од зумбули и скршено гранче од расцутена цреша. Под гранчето седи ниска чаша со вода во која паднале две
бели ливченца од црешовиот цут. Зумбулите се во две нијанси, посветла и потемна
розева, а меѓу нив има некакви тенки долги листови за декорација. На
минијатурното црешово гранче има седумнаесет бели цветчиња како седумнаесет слога
во едно хаику. Мирисите им се мешаат, но зумбулот доминира.
Црешово гранче.
За мене ноќва - дрво
на животот.
Ми се приспа и посакав да го изгасам светлото. Исправен седнав од страната
на креветот спуштајќи ги нозете на земја. Уште малку гледам во букетчето. Сакам
да поуживам во моментов зашто утре кога ќе се разбудам може да биде свенато. Прекинувачот
на столната ламба не работи па морам да станам и да го исклучам од штекерот. Го
фатив кабелот, и пред да го повлечам за миг фрлив поглед кон креветот. Во
истиот момент ти се сврти во својот сон и ти го видов лицето осветлено од
топлата светлина на ламбата. Го повлеков тенкиот кабел и собата за дел од
секундата падна во мрак. «Колку си убава. Многу поубава од букетчето со
зумбулите и црешовото гранче», си помислив.
Соба во мрак.
Мирисот на зумбулот
го слика твојот лик.
No comments:
Post a Comment