На Гедора, Рагбена, Ешко, Сара, Сухамед, Мевљана,
Рафаел, Арбихан, Селвија, Мартин, Медијан, Бекир...
Мислиш ли Создателу
на сите овие дечиња
со кал под нивните ноктиња
со сјајни бели запчиња
или црни од ефтини колачиња?
Им пееш ли ноќе Создателу
на сите овие дечиња
тивки и небесни мелодии
дури спијат и сонуваат
со насмевка да се разбудат?
Плачеш ли понекогаш Создателу
за сите овие дечиња
низ дождот што тивко ромоли
по трошните лимени покриви
и нежно се лее по нивните лица
како солзи ангелски?