Беше некаде после полноќ во градот крај големото езеро. Месечината веќе одамна се имаше искраднато од зад грбот на планината и сега го осветлуваше нејзиниот срт по целата должина. Здивот на летната ноќ влегуваше низ отворените прозорци зад кои повеќето луѓе удобно беа сместени во нивните кревети па сцената се одвиваше во областа на слухот. Ѓубреџискиот камион најпрво се слушна додека вртеше зад аголот, тежок и бавен како забревтано животно. Потоа стануваше се погласен сè дури не застана покрај контејнерите пред петокатницата. Тука почна карневал од звуци. Грубото брчење на моторот, влечењето на полните контејнери, звукот на удар на метал со метал додека ги закачуваа на куките, ѕвецкањето на шишиња додека содржината се истураше во утробата на камионот, шиштењето на компресијата што ја издишуваше истиот. Човечки гласови не се слушаа. Ѓубреџиите или веќе си имаа кажано се што имаше да се каже за тој ден, или ноќната смена им ја крадеше желбата за разговор и си замислуваа како се во нивните кревети и мирно спијат како луѓето зад прозорците. Целата сцена, целата ноќна парада од звуци не траеше повеќе од две минути. Контејнерите беа испразнети и вратени на место. Ситното ѓубре што се имаше претурено беше грижливо изметено и сместено во секогаш гладната уста на камионот кој повторно гласно за’ржа и бавно се придвижи кон соседната уличка. Тишината повторно се спушти како во удобна лежалка и се олабави. Месечината и понатаму го осветлуваше грбот на планината додека луѓето и понатаму лежеа во своите кревети. Само едно нешто остана да виси во воздухот. Навредите што претходно истиот ден, на истото место, П. поднапиен и ги плесна в лице на својата жена пред нивните две мали деца. Дека е само прашање на време кога ќе ја остави, дека не може да ја поднесе и е глуп што ја трпи. Тоа ѓубреџиите не го видоа, а и да го видоа не ќе можеа да го исчистат.
No comments:
Post a Comment