Friday, June 24, 2011

"Осло" + "Ибица"

Инспириран од расказот "Осло" на Тони Попов, седнав и го напишав расказот "Ибица" што одамна се токмев да го напишам. Намерно ги ставам еден по друг затоа што расказот го пишував како некаква паралелна верзија на расказот на Тони.









Осло (Тони Попов)

На улицата Кирке Гате во Осло ноќе има проститутки од целиот свет. Бели, црни, жолти, стари, млади, грди, убави. Може сешто да се види. На таа улица, 6 години по ред, услужува клиенти дваесет и седум годишната Маријама Дарбо од Гамбија. За ова време додека е на улица, запознала стотици луѓе. Некои од нив се навистина фини, како на пример, адвокатот Бјорн Колбир. Некои се грозни, како оној Грис кој грофта како свиња кога лежи врз неа и многу се поти. Или човекот со лузна на кого не му го знае името, кој постојано ја пцуе. Најчуден меѓу нив е Тангбранд, пасторот на една малечка црква во близина. Тој и плаќа само за да зборува со неа и секогаш и носи топол чај во термос. Само тој од сите тие луѓе знае дека таа е од селото Кер Аулди, дека има болни татко и мајка, три помали сестри и едно братче, на кои Маријама им испраќа пари. И само тој (иако таа тоа не го знае) секогаш кога му се моли на Господ за неа, плаче.








Ибица (Алек Маџаровски)

Веќе три години проповедникот Брајан Хисли и неговото семејство живееја на островот Ибица. “Господ ни даде посебно место во срцата за овој остров”, велеше тој кога ќе го прашаа зошто одлучија да се преселат токму таму. Но, неговиот пристап беше поинаков. Наместо да проповеда во некоја црква, тој ноќите ги минуваше по улиците на Сан Антонио обидувајќи се да им помогне на пијаните млади туристи да си го најдат хотелот или сместувањето, разговарајќи за животот и за верата со секој што беше расположен за тоа. Речиси секогаш имаше неколку доброволци што беа дојдени на Ибица да му помогнат во неговата работа. Со неговата жена Стејси одеа на смени. Една ноќ тој остануваше дома со децата додека жена му и тимот одеа низ улиците, додека другата ноќ дома остануваше таа. На улиците преполни со пијани Англичани и млади од целиот свет, дојдени на островот желни за разврат и забава, каде се мешаа звуците од ноќните клубови и баровите, тие се среќаваа со разни луѓе. На пример, таму го запознаа Мајкл од Глостер, Англија, чија девојка го остави само после два дена поминати на островот и кој не можејќи да стои на нозе со пиво во раката им раскажуваше како неговиот живот нема повеќе смисла и дека размислувал за самоубиство. Таму го запознаа и Карл од Јамајка, кој работеше во еден бар а и растураше дрога, не можејќи да се врати дома. Или пак Карен од Ирска што не можеше да престане да плаче не знаејќи да објасни зошто и која подоцна им го исповрати целото задно седиште на колата.

Таа вечер тимот отиде на една од плажите каде што работеа африканските проститутки. Плажата беше настрана од другите плажи во центарот на градот, како и меѓу проститутките да имаше расна поделба, нешто што всушност беше точно. Монифа, беше дваесет и седум годишна девојка од Нигерија што веќе цела година работеше на Ибица давајќи услуги на таа изолирана плажа. Додека стоеја заедно со Оморосе, уште една девојка од Нигерија, забележаа како им се приближува еден бел средновечен маж. Во раката држеше грст бели рози. Кога им се приближи на неколку чекори погледите им се сретнаа. Во очите на Монифа немаше ниту флерт, ниту одглумена страст, туку само тажна празнина. Веќе ги делеше помалку од еден метар кога човекот неспретно зема една од розите и ја подаде на Монифа и со несигурен глас и рече, “Убава и скапоцена си во Божјите очи”. За момент сè беше тивко. Само малите бранчиња тивко удираа по брегот а месечината како нем сведок висеше на летното небо. Месечината беше таа што ги осветли солзите, солзите што се тркалаа по лицето на Монифа и солзите што се тркалаа по лицето на Брајан.

Wednesday, June 08, 2011

Државата го уби или не?

Се уште е актуелен случајот со убиеното момче кое во неделата вечер, додека траеше прославата на политичката партија што победи на изборите, беше претепано до смрт на самиот плоштад од страна на вработен во МВР. Уште следниот ден почнаа протести на улиците против бруталноста на полицијата и за откривање на сторителот. Разгледувајќи ја целата ситуација не можам а да не ги споменам следниве работи:

1. Зошто МВР цели 24 часа и повеќе одрекуваше дека станува збор за убиство и се обидуваше да го прикрие случајот? Кога рекоа дека било пријавено мртво момче беше речено дека кај него немало траги на насилство (каква иронија). Зарем е можно МВР да не знае за што станало збор а таму имало очевидци што го виделе целиот настан? Дури потоа, кога се изврши медиумски притисок и кога почнаа протестите и кога се пријавил сторителот рекоа дека ќе бидат преземени соодветни мерки. Она што ме интересира е следново: Дали ако не се извршеше притисок ќе се прикриеше целата работа?

2. Дали државата го уби детето или не? Од една страна, државата секако дека не го уби детето, зашто се работи за поединец (вработен во МВР) што убил некого како изолиран случај. Но од друга страна, јас ли го вработив тој човек или државата? Така што, држвата и МВР да поминат без апсолутно никаква одговорност би било нонсенс. Работодавецот на тој човек мора да сноси морална одговорност.

3. Она што мислам дека предизвика да се вжешти атмосферата меѓу младите е фактот што вакви случаи (секако не толку екстремни што завршиле со смрт) се имаат случувано многу пати кога припадниците на алфите се имаат однесувано "несоодветно" па така тоа незадоволство се таложи веќе неколку години. Свесни сме за профилот на тие луѓе и за нивното однесување па кога се случи последново реакцијата беше, "До кога?!! Што е следно?!" Да не зборуваме и за стравот од полицијата наследен од времето на социјализмот.

4. Колку заслепен треба да си од политичките фактори во земјава за веднаш после почнувањето на протестите да кажеш дека имаат политичка позадина? Младо момче било ноншалантно претепано и убиено од припадник на полицијата. Дали треба да сум член на партија за да се разгневам и протестирам?