Thursday, July 12, 2007

Мајсторот Мацуо Башо (1644-1694)

Талкам осамен.
Кукавицо, покрај тебе
сум уште поосамен.


Безимените ридови
пролетта денес ги покри
со превез од магла.


Колку би сакал да понесам
во своето ладало
малку ветер од Фуџијама.


Се разли реката
чапјите добија
пократки нозе.


Студена вода –
галебот врз неа
не може да почине.


Свенато цвеќе.
Се растураат, паѓаат семињата
како солзи.


Есенски полиња.
Шумот на ветерот се пробива
низ сувите тревки.


Не стана пеперутка
онаа гасеница,
а есента си оди.


Плови жолт лист.
Крај кој ли брег, штурче,
ненадејно ќе се разбудиш.


Свитканиот бор
додава ситни иглички
на водопадот.


Месечко, каде ли си сега?
Како потонето ѕвоно
скриен си на морското дно.


Пријателе не заборавај
на сливовиот цвет
скриен во шумата.