Sunday, September 02, 2012

Последен круг


Трчаме кругови
на одамна завршена трка.
Публиката отвара уста, но нема е,
како некој да притиснал ‘mute’.
Со стиснати тупаници
и испотени чела
не го препознаваме дождот
што паѓа врз нас.
Пред очи ни е само грбот на другиот.
Нозете ни се тешки, а погледот уморен.
Трчајќи без престан, заумени,
залудно чекаме ѕвончето
да го означи последниот круг.