Monday, August 06, 2007

Planetary Hypocrisy


Не, навистина светот нема да се уништи со страшен тресок. Како што познатиот поет Томас С. Елиот напиша во своето апокалиптично предвидување – тоа ќе се случи со цимолење, односно лелекање. Она во што ме убеди овој став е последниот пример на планетарно лицемерие – Live Earth 07, кој верувам многумина од вас го гледаа, со вклучена клима пријатно залежани на своите каучи. Вие и онака претерано не се секирате за глобалното затоплување. А богами ниту јас.

Не се дистанцирам од мојата неодговорност. Погледнав само неколку фини рекламни клипови на кои големите познати лицемери го учеа човештвото како ќе заштеди енергија доколку користи батерии кои се полнат, на кој начин ќе допринесат за намалување на глобалното затоплување ако не патуваат со авион, ако не користат најлонски кеси и што уште не.

Мислам дека ми е доволно од вакви планетарни хуманости, кои не претставуваат ништо освен добар политички маркетинг, организиран од несудениот американски претседател Ал Гор. Разликата помеѓу овој глобален настан и митинг на политичка партија е само во пораките. Наместо изборните се извикуваа еколошки пароли.

Верувам дека по 7.7.2007 човештвото живее побезбедно! Нема опасност од цунами, земјотреси, нуклеарни катастрофи, лизгање на земјиште, поплави, пожари, ултра-виолетово зрачење.

А, ако само се потсетам дека токму Америка – најголемиот индустриски загадувач не ја потпиша резолуцијата во Кјото против емисијата на штетни гасови во атмосферата. Затоа сега нудат планетарна забава, на огромни бини, со одлично светло и звук (колку ли тие енергија трошат!!!) и со еден тон на ултра платени поп ѕвезди кои се возат во луксузни автомобили, летаат со приватни авиони, лапаат хамбургери во Мекдоналдс и не ги полнат своите батерии откако ќе им се потрошат. Па се разбира, тие си купуваат нови.

И ако се запраша некој, зар на човештвото му треба уште еден ваков настан? Па, се разбира дека му е потребен. На тој начин се потхранува духот на западниот човек, кој со ова ја потиснува својата еколошка фрустрација дека е одговорен што планетата оди во неповрат.

Live Earth е проверен метод на собирање на поени, доколку некој сака да добие титула сер. И почитуваниот Бог Гелдоф можеби со искрена намера го направи второто продолжение на Live 8 во 2006, со кој се обиде сиромаштијата да ја прати во историјата, но таа и те како остана во сегашноста. Африканците и понатаму гладуваат бедно заборавени по овој настан.

Се надевам дека со планетата нема да се случи истото. Ако и понатаму е така, посакувам Томас С. Елиот да погрешил. Како што сме настанале во космичка експлозија, можеби би било подобро така и да исчезнеме – во огромен божествн бум.

Напишано од Зоран Зафировски за Avantgarde Magazine бр. 4