Александар Прокопиев
Овој пат ви го претставувам хаикуто на Александар Прокопиев. Ова е мој избор од неговата стихозбирка наречена Слика-тркало. Уште малку и ќе ви ги претставам големите јапонски мајстори. Уживајте и слободно коментирајте која песна најмногу ви се допаѓа.
Врапци по жици:
петтолиние со ноти
-темпо стакато.
Ќе нема пролет
за сувата гранка
ниту за збогум.
Збунето врапче:
врз бетонот зрнца студ
-измислени трошки.
Врапци во грм.
Кавгата ги открива
на мачката демнач.
Пред семафорот
осми сум на ред...и чудо!
Мирис на липа.
Гласна градска ноќ.
А липите цутат
за да ме смират.
Сам, на балконот,
пензионер игра шах.
Со ангелите.
Шетам крај река.
Стапот за чекор побрз,
водата за сто.
Над нас-врвови,
под нас-темни шуми.
Јуни, а студи.
„Магарешка„ реко,
горе, на изворот си
поила за срни.




